Најдобар избор што го направив за летото 2019 ми беше работата во SSP Deutschland. Нешто што дефинитивно беше предност за работа на ова место е тоа што пред се живеев во склоп на местото каде што работев и бев во близина на светскиот Хамбург како и некои помали градови, па затоа секој слободен ден го користев за посетување на различни места.
Искуството е огромно бидејќи живеев самостојно, научив како се функционира во работна средина и адаптација во таа средина каде што само ти зборуваш на македонски јазик. Со секојдневни комуникации со вработени и клиенти го подобрував моето знаење на германски јазик, а мојата самодоверба и желба, благодарение на ова искуство, за повторно работење во странска држава се огромни.
Покрај неописливите прошетки низ Хамбург, вкусување на германски специјалитети, посета на најпознатиот Луна Парк ДОМ и шопинг центрите, успеавме да ја искористиме едниствената една недела каде што температурите беа над 30тиот степен за уживање на околните плажи.
Работната атмосфера беше одлична и на многу професионално ниво. Колегите, претежно Германци, беа многу посветени да јас работата ја научам перфектно, што на крајот резултираше со големи пофалби од страна на претпоставените. Имаше огромна доверба, согласување и дружење, што дури и ден денес сме останати во контакт.
Секој во својот живот треба да искуси барем едно вакво патување. Со сите знаменитости, зеленило и ноќен живот, Хамбург и секое место што е во негова близина за мене е вистинската дестинација. Одличен баланс помеѓу работа и уживање, ја препорачувам секому.